Арина Сабаленка и Коко Гоф продолжуваат со настапите на ВТА 1000 турнирот во Синсинати, откако двете фаворитки успешно го минаа второто коло. Првата носителка стигна до победа во два сета, додека актуелната шампионка од 2023 година мораше да направи пресврт. Сабаленка ја совлада Австралијката Талија Гибсон со 6:2, 7:6(2) во меч кој траеше нешто помалку од два часа. Белорусинката имаше дополнителен предизвик поради високите температури и силниот ветер во Охајо, но успеа да остане концентрирана во клучните моменти.
Во вториот сет пропушти дури пет меч-топки во 12. гем, но потоа одигра одличен тајбрејк и го затвори натпреварот. Сабаленка во текот на мечот забележа 13 асови. Следна нејзина противничка ќе биде кинезинката Синју Ванг, која ја елиминираше Дона Векиќ по пресврт со 3:6, 6:1, 6:4.
До третото коло стигна и Коко Гоф. Четвртата носителка загуби убедливо во првиот сет против Људмила Самсонова со 2:6, но потоа целосно го сврте текот на мечот и славеше со 6:4, 6:1. Со ова Гоф ја продолжи совршената серија против руската тенисерка, бидејќи сега има пет победи од исто толку меѓусебни дуели. За Американката ова беше и 20-та победа на тврда подлога сезонава. Во следната рунда Гоф ќе игра против сонародничката Ан Ли.

