Меѓународен фудбал Фудбал

Рускиот фудбал чекор поблиску до меѓународно враќање!

По повеќегодишна изолација од меѓународните фудбалски натпреварувања, Русија би можела повторно да добие можност да настапува под покровителство на ФИФА. Светската фудбалска федерација испрати сигнал дека сите нејзини членки ќе имаат право на учество на Светското првенство за фудбалери до 15 години, кое во октомври ќе се одржи во Азербејџан.

Иако во официјалното соопштение не беше конкретно наведена Русија, од ФИФА за агенцијата АФП потврдија дека турнирот е отворен за сите национални федерации кои се дел од организацијата. Со оглед на тоа што Руската фудбалска федерација и натаму е членка на ФИФА, ваквиот став отвора можност младата руска репрезентација да се појави на натпреварувањето.

Русија е суспендирана од меѓународните натпреварувања од 2022 година, по почетокот на воениот конфликт во Украина, но никогаш не беше исклучена од членството во светската фудбалска организација. Веста беше позитивно пречекана во Русија. Министерот за спорт Михаил Дегтјарев оцени дека ваквиот развој на настаните претставува значаен чекор кон враќањето на руските селекции и клубови на меѓународната спортска сцена.

„Ја поздравуваме одлуката на ФИФА да овозможи настап на руската репрезентација на турнирот во Азербејџан. Ова е важен сигнал дека процесот на враќање на рускиот спорт започнува“, истакна Дегтјарев преку социјалните мрежи.

Овој потег на ФИФА се толкува како можен почеток на постепено ублажување на ограничувањата кон руските спортски екипи. Во меѓувреме, Меѓународниот олимписки комитет неодамна препорача укинување на дел од рестрикциите за белоруските спортисти, додека мерките што се однесуваат на руските натпреварувачи засега остануваат непроменети.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.