Потрагата на Милан по нов шеф на стручниот штаб полека се претвора во вистинска тренерска вртелешка, каде што имињата се менуваат постојано. Откако во изминатиот период како опции фигурираа Оливер Гласнер, Маурисио Покетино, Себастијан Хенес и Андони Ираола, раководството на „росонерите“ сега се насочи кон Португалија.
Според информациите на угледниот „Ди Атлетик“, челниците на италијанскиот гигант веќе отпатувале за Португалија на директни преговори со Рубен Аморим. Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед е прв пик за наследник на Масимилијано Алегри и треба да биде темел на големата реконструкција на „Сан Сиро“. Милан минува низ деликатен период откако веќе втора сезона по ред останува без пласман во Лигата на шампионите, што веќе донесе и сериозни чистки на раководните структури во спортскиот сектор.
Аморим е без ангажман од јануари годинава, кога си замина од „Олд Трафорд“. Доколку го прифати предизвикот во Милано, тој ќе мора сериозно да се прилагоди на новите финансиски ограничувања кои ги наметнува клубот. Иако неговиот престој во Англија беше одбележан со тактички несогласувања во соблекувалната поради неговиот тврдоглав систем со три дефанзивци, неговиот рејтинг сè уште е исклучително висок благодарение на шампионските денови во Спортинг Лисабон.
Сепак, Милан во моментов не е средина која има луксуз да му понуди време и трпение на новиот стратег. Останува отворено прашањето дали Аморим е вистинскиот човек кој може експресно да ги разбуди „росонерите“ и да ги врати на нивото од пред неколку години.

