Меѓународен фудбал Фудбал

Роналдо си замина од Португалија по конфликтот со Жорже Жезус, познато што се случило

Заминувањето на Кристијано Роналдо од кампот на португалската репрезентација предизвика големо внимание, а зад неговата одлука, според тврдењата на шпанскиот новинар Еду Агире, стои конфликт со селекторот Жорже Жезус. Роналдо остана без минутажа во победата над Норвешка, а потоа не настапи ниту на тренинзите со тимот. Ситуацијата дополнително се вжешти откако Жезус соопшти дека капитенот нема да биде стартер против Данска. Набргу потоа Роналдо официјално објави дека го напушта репрезентативниот камп.

Според Агире, кој важи за новинар близок до Роналдо, причината не била само тоа што фудбалерот не добил шанса против Норвешка, туку начинот на кој подоцна се одвивале разговорите со Жезус. Агире во емисијата „Ел Чирингито“ тврди дека во вторникот се одржал состанок меѓу Роналдо, Жезус и претседателот на Португалската фудбалска федерација, Педро Проенса. Според неговата верзија, Жезус приватно му се извинил на Роналдо за тоа што го испратил на загревање, а потоа не го внел во игра против Норвешка.

Наводно, селекторот му ветил на Роналдо дека јавно ќе ја преземе одговорноста за ситуацијата. Но, според Агире, на прес-конференцијата Жезус дал поинаква слика за случувањата, што дополнително го налутило капитенот.

„Се чувствува предаден“, тврди Агире, додавајќи дека токму тоа било причината Роналдо да реши да го напушти кампот.

Жезус, од своја страна, јавно негираше дека постои сериозен конфликт со Роналдо. Сепак, призна дека било грешка што го оставил фудбалерот да се загрева долго време без да го внесе во игра. Роналдо својата верзија засега не ја откри. Тој преку социјалните мрежи потврди дека го напушта кампот по разговорот со претседателот на федерацијата и порача дека „во вистинско време“ ќе ја каже вистината за причините поради кои донел таква одлука.

Така, во пресрет на натпреварот со Данска, Португалија остана без својот капитен, додека иднината на Роналдо во националниот тим повторно стана тема за разговор.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.