Кристијано Роналдо пред осминафиналниот дуел меѓу Португалија и Шпанија одржа една од најдинамичните прес-конференции во својата кариера. Искусниот 41-годишен капитен, кој игра на своето последно Светско првенство, отворено се соочи со своите критичари и уште еднаш покажа дека неговиот борбен дух не се менува ниту по две децении на врвот.
Пред новинарите во Арлингтон, Роналдо не ги криеше емоциите кога стана збор за притисокот и постојаните медиумски шпекулации за крајот на неговата ера.
„Веќе 23 години вие критичарите се обидувате да ме ’убиете’, но досега ваљда сфативте дека тоа не ви успева“, им порача Роналдо на присутните, додавајќи дека сè освен поддршката од португалскиот народ за него е обично „ѓубре“ кое не вреди ништо.
На прашањето за неговото пензионирање и дали ова е навистина последен турнир, тој беше дециден дека крајот ќе го одреди самиот, а не медиумите.
„Ќе завршам тогаш кога јас ќе одлучам, а не кога вие ќе посакате. Вие сакате да не ме гледате повеќе, јас тоа го разбирам. Но, сега сум тука и сакам да уживам во секој ден од ова мое последно Светско првенство“, изјави Роналдо.
Во еден момент, Роналдо покажа кон еден од новинарите во првиот ред, директно впуштајќи се во вербален дуел.
„Ти таму, знам дека не ме сакаш. Имавте среќа да ме прашате, но добро ги паметам лицата на сите што не ме сакаат. Тоа е дел од вашата работа, но и дел од мојот раст. Научив дека токму од најголемите критики најмногу созреваме како луѓе, затоа ви благодарам што продолжувате да го правите тоа“.
И покрај тензичната атмосфера со медиумите, Роналдо беше дипломатичен кога зборуваше за претстојниот ривал, Шпанија. Тој ги пофали „Црвената фурија“ и младиот талент Ламин Јамал, на кого му порача дека мора што побрзо да се навикне на притисокот и критиките, бидејќи тоа е неизбежен дел од фудбалот. Запрашан дали неговото наследство ќе зависи од освојувањето на светската титула, Роналдо заклучи дека ќе си замине од Мундијалот чиста совест, без оглед на исходот во понеделник.

