Uncategorized Меѓународен фудбал Фудбал

Роналдо го прекина молкот за судирот со селекторот Жорж Жезус!

По неколкудневните бурни шпекулации во светската фудбалска јавност, 41-годишниот Кристијано Роналдо се огласи со официјално и извонредно детално соопштение, изнесувајќи ја својата страна од приказната за случувањата во португалската репрезентација и судирот со селекторот Жорж Жезус. Легендарниот капитен отворено ги откри задкулисните преговори, нарушената доверба и причините кои го наведоа предвреме да го напушти репрезентативниот камп.

„Како што ветив, решив директно, од прво лице, да ги изнесам сите околности што ја одбележаа завршната фаза од моето време во репрезентацијата. По Светското првенство 2026 година подготвив писмо до португалскиот народ, кое сè уште го чувам и во кое се наоѓаат зборовите што сакам да ги споделам кога засекогаш ќе го напуштам нашиот национален тим. Меѓутоа, по турнирот, за време на летот за враќање од САД, претседателот на Сојузот инсистираше да ја преиспитам одлуката бидејќи сакаа да останам. Веднаш потоа ме запраша за мислење за сегашниот селектор. Му реков дека тоа би било вистинска одлука, а тоа го потврдија и подоцнежните резултати.

Набрзо се сретнавме со новиот селектор во ‘Сидаде до Футебол’, каде што мојот клуб ги одработуваше подготовките. Ми рече дека смета на мене и дека моето присуство е клучно за неговиот проект. Ми претстави план според кој требаше да играм на првиот и последниот меч, а поради физичката подготвеност да се прават ротации. Тогаш ми предложи да не патувам со репрезентацијата за Норвешка и Данска, туку да останам во Португалија по првиот меч. Веднаш го одбив тој предлог бидејќи ми беше јасно дека тоа што нема да играм на гостувањата не значи дека треба да престанам да бидам капитен, а таквата привилегија немаше да биде добар пример за тимот. Селекторот тогаш се согласи со мојата проценка. На тој разговор присуствуваше и Симао Кутињо, спортскиот директор на Ал Наср, кој беше еден од луѓето заслужни за неговото доаѓање во клубот во 2025 година.

Пред ова собиранка, селекторот на свое барање дојде кај мене дома во Лисабон. Разговорот беше мирен и сите принципи договорени во август останаа на сила. Одиграв на ‘Алваладе’ и, иако бев резерва, не направив никаков проблем, лично му ја ставив капитенската трака на Бруно Фернандеш, мислејќи само на победата. На денот на натпреварот во Норвешка, за време на ручекот, еден од помошниците ми пријде и ми рече дека селекторот сака да разговара со мене. На мое изненадување, ме праша дали сум физички спремен да одиграм 30 минути. Иако тоа не беше дел од мојот план за заздравување пред мечот на ‘Драгао’, реков дека можам. Ми рече да бидам подготвен. Останатото е историја, се загревав од полувремето, гледав како минуваат минутите, но никогаш не влегов во игра. Селекторот не си го одржа зборот.

На крајот од тој меч сакав само да останам сам и не отидов да ги поздравам навивачите. Тоа беше грешка за која преземам целосна одговорност и му се извинувам на португалскиот народ и на сите навивачи кои патуваат за да ме видат. По 48 часа имавме интензивен и директен разговор јас, селекторот и Кутињо. Се договоривме дека постои само еден начин да се затвори случајот, селекторот на прес-конференција да ја каже вистината, дека никогаш не сум барал минутажа, дека тој го предложил планот, дека направил грешка што ме пратил на загревање без да ме внесе во игра и дека доколку се повтори истата ситуација, повеќе нема така да постапи. Беа подготвени и белешки кои лично ги одобрив, во кои требаше да се потврди дека бев примерен, лојален и професионален, како и дека тој исклучително многу ме сака во тимот.

Конференцијата за медиуми мина, но неговото однесување немаше никаква врска со нашиот договор. Човекот покажа агресивност и став во стилот ‘јас сакам, јас можам и јас одлучувам’, каков што претходно во приватниот разговор никогаш немав слушнато. Ова беше вторпат да не се одржи дадениот збор. Затоа решив да го напуштам репрезентативниот камп наместо да чекам нови прекршени ветувања. За мене вистината е најважна во односите меѓу луѓето. Му се извинувам и на тимот, бидејќи и покрај потполното губење на довербата во селекторот, не требаше така да постапам. Одговорноста е само моја.

Португалскиот фудбалски сојуз мора да ги процени моите постапки и да изрече соодветна казна, која не треба да биде ублажена. Јас сум капитен и правилата мора да важат за сите. Што се однесува до прошталните мечеви, во животот научив дека никој ништо не подарува. Ќе има време за проштален меч, но кога мислам на репрезентацијата, мислам на натпреварување. Така размислував и оној ден кога дознав дека татко ми почина, бев со репрезентацијата и решив да останам додека не заврши мечот. За својата земја направив работи што не би ги направил за ниту еден клуб. Затоа, доколку бидам физички подготвен, доколку играм за мојот клуб и постигнувам голови, по одслужувањето на казната што ќе ми биде изречена, повторно ќе бидам на располагање да се борам и да победувам за нашата репрезентација. Верувајте ми, ова е целата вистина.“

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.