Капитенот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо, презема иницијатива да го убеди Бразилецот Каземиро да му се приклучи на саудискиот клуб, пренесуваат шпанските медиуми. Искусниот Португалец верува дека играчот од средниот ред би бил клучно засилување и би го подигнал квалитетот на тимот на повисоко ниво.
Сепак, конкуренцијата за неговиот потпис е сериозна. Силен интерес покажува и Интер Мајами, тимот каде што настапува Лионел Меси, а преговорите со Манчестер Јунајтед веќе се во напредна фаза. Во трката се вклучува и Лос Анџелес Галакси, кој внимателно ја следи ситуацијата околу искусниот фудбалер.
Каземиро е дел од Манчестер Јунајтед од 2022 година, но веќе најави дека ќе го напушти клубот по крајот на сезоната. Во својата кариера настапуваше и за Реал Мадрид, Порто и Сао Пауло, оставајќи значаен белег во секој од клубовите.

