Рома е на чекор до реализација на еден од најинтересните трансфери ова лето. Италијанскиот гигант постигнал договор со Порто за еден од најперспективните млади фудбалери на португалскиот клуб. Според информациите на Фабрицио Романо, Рома и Порто постигнале усен договор за трансферот на Родриго Мора. 19-годишниот офанзивец треба да ја продолжи кариерата во Рим, а за неговите услуги „волчицата“ ќе плати фиксна сума од 25 милиони евра.
Во договорот меѓу двата клуба ќе биде вклучена и клаузула според која Порто ќе има право на 50 проценти од идниот трансфер на Мора, што дополнително ја покажува вредноста што португалскиот клуб ја гледа во својот млад фудбалер. Мора веќе добил дозвола да отпатува за Италија, а неговото пристигнување во Рим се очекува во текот на денот. По медицинските прегледи и финализацијата на документите, талентираниот Португалец треба да го стави потписот на договорот со Рома.
Со овој потег Рома продолжува да вложува во млади и перспективни фудбалери, а Мора во „вечниот град“ ќе има можност да направи нов чекор во својот фудбалски развој и да се наметне во еден од најсилните шампионати во Европа.

