Рома успеа да го задржи еден од своите најважни фудбалери, откако Џанлука Манчини постигнал договор за продолжување на соработката со римскиот клуб. Според италијанските медиуми, двете страни се договориле за нов договор до летото 2029 година, со можност истиот да биде продолжен за уште една сезона. Италијанскиот дефанзивец ќе заработува околу 3,5 милиони евра по сезона, плус дополнителни бонуси.
Со ова практично пропаднаа надежите на Интер да го доведе искусниот стопер, кој беше една од главните трансферни желби на „нераѕурите“ за засилување на одбраната.
Манчини е член на Рома од 2019 година и досега одигра повеќе од 200 натпревари во дресот на „волчицата“. Со клубот ја освои Конференциската лига во 2022 година, а една сезона подоцна играше и во финалето на Лигата на Европа. Останувањето на искусниот дефанзивец претставува значајно засилување за тимот пред новата сезона и настапите во Лигата на шампионите.

