Елиминацијата од Брајтон во Англискиот Лига куп и шокантниот пад од 2:0 до 2:3 пред сопствената публика го запалија алармот на „Олд Трафорд“. Поразот во кој „црвените ѓаволи“ испуштија двојна предност, нешто што не им се случило на домашен терен повеќе од половина век, предизвика брутална реакција кај клупската легенда Рој Кин, кој без влакна на јазикот го срамни со земја целиот систем во клубот.
Ирскиот аналитичар директно го нападна менаџерот Мајкл Керик за тактичките промашувања, истакнувајќи дека тој едноставно го нема шампионскиот менталитет за да освојува трофеи. Според Кин, одлуката на клупа да се остави Куња во момент кога на тимот му требаше контрола, а на терен да се форсираат фудбалери кои потфрлија во сите сегменти, е директна одговорност на предводникот.
Кин не ги поштеди ниту самите играчи, посочувајќи ги недозволивите грешки на Зиркзе, Шешко и Рашфорд:
„Уште пред мечот реков дека Керик не е човек што може да му донесе трофеи на Јунајтед. Помина една година, два преодни рока, нов тренер и пак испаѓаат од истиот Брајтон. Но, ова е проблем со менталитетот. Го гледам Зиркзе како лежерно губи топка и тоа воопшто не го допира. Шешко прави аматерска грешка, а Рашфорд пропушта зицер еден на еден кој мора да се реализира. Во еден момент престанав да ги жалам и почнав да се смеам. Немаш друг избор освен да се смееш на ваков срам.“
Ирнецот потенцираше дека дури и ѕвезди како Бруно Фернандеш се вовлечени во тоталниот хаос, бидејќи стандардите во клубот се паднати за 100 проценти на сите нивоа, од раководството и односот кон навивачите, па сè до женскиот тим. Според Кин, Јунајтед целосно го изгубил својот победнички идентитет и редот под притисок.

