Меѓународен фудбал Фудбал

Рој Кин без милост кон Јунајтед: Овој клуб се претвори во обичен циркус!

Манчестер Јунајтед минува низ уште еден кошмарен период, а легендарниот поранешен капитен Рој Кин смета дека проблемите на „Олд Трафорд“ одамна ги надминаа лошите резултати на теренот. Ирскиот аналитичар упати жестоки критики кон комплетната структура во клубот, оценувајќи дека на сите нивоа владее тотален хаос и дека екипата веќе ниту малку не го поседува некогашниот шампионски идентитет.

Поразот од Атлетико Мадрид дополнително го продлабочи незадоволството кај навивачите. Со оваа негативна серија од пет меча без триумф, гигантот од Манчестер го забележа својот најлош почеток на една сезона во последните четири децении.

Говорејќи во подкастот „Stick to Football“, Кин посебно се осврна на недамнешните изјави на Лисандро Мартинез, кој јавно го прозва раководството поради начинот на кој се носеа засилувањата во летниот преоден рок.

„Ова веќе не е Манчестер Јунајтед каков што го знаеме. Од врвот до дното владее анархија и сѐ повеќе потсетуваме на циркус“, порача Кин.

Поранешниот капитен потенцираше дека играчите во вакви кризи мора најпрво да ги анализираат сопствените изданија на теренот пред да бараат виновници во управата, упатувајќи му директна забелешка на Мартинез дека неговите настапи се исто така далеку од беспрекорни.

Сличен став изнесе и Гари Невил, кој истакна дека барањето за нови играчи индиректно ги потценува фудбалерите кои во моментов се дел од екипата. Невил и Кин ја префрлија одговорноста и врз искусните лидери како Бруно Фернандеш и Хари Мегваер, критикувајќи ги дека премногу внимание посветуваат на надворешни активности и гостувања во подкасти наместо целосната енергија да ја насочат кон излез од кризата.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.