Кошарка Меѓународна кошарка

Робинсон сака да остане во Њујорк, но парите се сериозен проблем!

Иднината на Мичел Робинсон во шампионскиот состав на Њујорк Никс виси во воздух, иако самиот кошаркар широм ги отвори вратите за продолжување на соработката. Корпулентниот центар за првпат јавно проговори за гласините околу неговиот следен ангажман и порача дека негова најголема желба е да остане во Њујорк, без разлика што американските медиуми наголемо пишуваат дека клубот тешко ќе го задржи поради сериозни финансиски ограничувања.

Робинсон истакна дека би било прекрасно да се обидат уште еднаш со истите соиграчи да нападнат нова титула и да го одбранат шампионскиот прстен што го донесоа во Њујорк по цели 53 години чекање. Сепак, неговиот оптимизам се соочува со суровата реалност на строгите правила во НБА лигата, поточно таканаречениот втор даночен праг кој на екипите со голем буџет им ги врзува рацете при нудењето нови договори. Никс моментално се наоѓаат на околу 14 милиони долари под оваа заштитна граница, но со тие средства мора да комплетираат уште неколку позиции во тимот. Токму затоа, менаџментот ќе има пеколно тешка задача да најде простор за Робинсон, кој штотуку го заврши четиригодишниот циклус во кој заработи 60 милиони долари.

Поради ваквиот развој на настаните, во јавноста веќе се шпекулира со имињата на неговите потенцијални наследници во рекетот. Како главни кандидати се издвојуваат Ник Ричардс, кој би пристигнал за ветерански минимум, како и доскорешниот центар на Голден Стејт Вориорс, Кевон Луни. Тој одлично ги познава системите на новиот стратег на Никс, Мајк Браун, со кого работеше заедно во Сан Франциско. Конечниот збор сепак ќе го имаат парите, но желбата на Робинсон да остане лојален на новиот првак дава барем некаква надеж за навивачите.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.