Македонскиот ракометен шампион Вардар официјално ги започна подготовките за сезоната 2026/27. „Црвено-црните“ го одржаа првиот собир и тренинг, со што стартуваа со подготовките за новите предизвици на домашната и меѓународната сцена. По освојувањето на двојната круна минатата сезона, главна цел на Вардар ќе биде одбраната на титулите во Македонија, но и што подобар настап во Лигата на шампионите и Регионалната лига.
Во летниот преоден рок клубот го засили ростерот со неколку нови имиња. Во Скопје пристигнаа десниот бек Мохаб Абделхак, голманот Милан Бомаштар, левиот бек Леон Љевар и средниот бек Матео Фадуил, а на подготовките се приклучија и младите таленти Бобан Поповски, Марко Ѓорчески и Никола Начовски.
Првиот дел од подготовките Вардар ќе го одработи во Скопје, по што екипата ќе замине на базични подготовки во Маврово. Пред почетокот на новата сезона, избраниците на стручниот штаб ќе настапат и на традиционалните контролни турнири во Струга и Охрид, каде ќе ја темпираат формата за официјалните натпревари.







