РК Вардар 1961 е новиот освојувач на Суперкупот на Македонија, откако во драматично финале во Гевгелија го совлада Охрид со 32:31 и по петти пат го подигна трофејот во ова натпреварување. Охриѓани имаа подобар почеток и во првите минути стигнаа до предност од 4:1, но Вардар брзо се врати во ритам и до паузата направи целосен пресврт за водство од 17:15.
Во вториот дел „црвено-црните“ долго ја контролираа играта, но Охрид ја искористи серијата промашувања на противникот и во 39. минута за првпат поведе со два гола (22:20). Тимот од Охрид ја одржуваше предноста и во финишот влезе со 27:25, но Вардар тогаш одигра одлично во одбраната и со серија од четири гола стигна до 29:27. Следуваше вистинска драма во последните минути, бидејќи Охрид не се предаде и со два гола во самиот финиш успеа да израмни на 31:31. Во последниот напад Вардар доби седмерец по прекршокот на Иванковиќ, а сигурен реализатор беше Воркапиќ за 32:31.
Охрид имаше уште една можност да се спаси и да го однесе натпреварот во продолжение, но ударот на Стрмљан во последниот напад го одбрани Валах и го потврди вардарското славје. Воркапиќ беше убедливо најефикасен кај победниците со 12 гола, додека кај Охрид Лиапис постигна шест, а Стрмљан и Иванковиќ по четири.

