Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

РК Пролет 62 се откажа од Суперлигата, финансиите се најголем проблем!

Македонскиот ракомете клуб РК Пролет 62 се повлекува од Суперлигата. Денеска, од клубот, преку официјално соопштение се изјаснија дека клубот не е во можност да продолжи да се натпреварува во најсилниот ранг во македонскиот ракомет. Причината е од финансиска природа, откако заврши соработката меѓу клубот и главниот спонзор, кој воедно се наоѓа исто така во финансиски проблеми веќе подолг период.

Во прилог ви го пренесуваме целосното соопштение на клубот:

Ракометниот клуб Пролет 62 ја известува јавноста дека, поради завршувањето на договорот со нашиот долгогодишен и ценет генерален спонзор, донесовме тешка, но одговорна одлука да се повлечеме од натпреварувањето во Супер лигата за претстојната сезона.

Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на внимателна анализа и единствено со цел да се зачува стабилноста и иднината на клубот. Веруваме дека во овој момент најодговорен чекор е да не преземаме финансиски обврски кои не би можеле целосно и навремено да ги исполниме.

РК Пролет 62 останува посветен на својата мисија – развојот на младите ракометари и продолжување на традицијата која клубот ја гради веќе 64 години. Клубот ќе продолжи да се натпреварува во Првата лига, а во наредниот период наш главен приоритет ќе биде пронаоѓање нов генерален спонзор кој ќе овозможи повторно враќање во Супер лигата и продолжување на успесите што заедно ги создававме.

​Воедно, упатуваме искрена и огромна благодарност до нашиот досегашен генерален спонзор за долгогодишната доверба, поддршка и несебична посветеност, благодарение на која РК Пролет 62 со години успешно се натпреваруваше и остана дел од највисокото ниво на македонскиот ракомет. Неговиот придонес во одржувањето и развојот на клубот ќе остане трајно запишан во историјата на РК Пролет 62.

Исто така, им благодариме на сите наши навивачи, пријатели, играчи, тренери, родители, соработници и на сите кои во изминатите 64 години беа и остануваат дел од семејството на РК Пролет 62.

Уверени сме дека ова е само еден тежок период кој, со заедничка поддршка и нов партнер, ќе го надминеме и повторно ќе го вратиме Пролет таму каде што припаѓа.

РК Пролет 62

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.