Кога една млада и амбициозна екипа ќе покаже континуитет и победнички менталитет во текот на целата година, тогаш промоцијата во елитното друштво доаѓа како сосема заслужена награда. Ракометна Македонија од следната сезона добива нов, суперлигашки колектив кој со доминантни партии покажа дека е подготвен да ги одмери силите со најдобрите во земјата.
Екипата на РК Мулти Есенс на импресивен начин ја заврши својата мисија во Првата лига, обезбедувајќи го шампионскиот пехар и директниот пласман во Суперлигата. Новиот првак ја затвори натпреварувачката година со неверојатен биланс од 23 победи и само еден претрпен пораз, статус кој им донесе промоција меѓу ракометниот крем во Македонија.
Во последното коло, кое воедно беше и одлучувачко, Мулти Есенс пред своите навивачи во салата „Автокоманда“ славеше убедлив триумф (39-25) над директниот ривал за висок пласман, тимот на РК Драчево Јуниор, кој на крајот мораше да се задоволи со третата позиција на табелата.
Со овој триумф, Мулти Есенс ја сочува лидерската позиција со само еден бод повеќе во однос на Младост Богданци. Ракометарите на Младост, пак, преку бараж-пресметка против претпоследно пласираниот суперлигаш, тимот на Струга, ќе ја бараат својата шанса за влез во елитата.

