Кошарка Меѓународна кошарка

Ривс бара 241 милион долари за да остане во Лејкерс!

Американскиот репрезентативец Остин Ривс постави сериозен ултиматум до Лос Анџелес Лејкерс, барајќи максимален договор вреден фантастични 241 милион долари.

Бекот зад себе има извонредна натпреварувачка година во која се промовираше во клучен член на новата супер-тројка покрај Леброн Џејмс и Лука Дончиќ, врзувајќи две сезони по ред со просек од над 20 поени по натпревар. Пред да заработи незгодна повреда на прасецот, тој играше во Ол-стар форма со ефект од 23,3 поени и 5,5 асистенции на 51 одигран меч. Поради ваквиот голем скок во кариерата, речиси е извесно дека Ривс ќе ја одбие играчката опција од нецели 15 милиони долари за следната сезона и ќе бара нов долгорочен ангажман за максимално да ја наплати својата одлична форма.

Ваквите финансиски барања носат сериозна главоболка за раководството на тимот од Калифорнија, пред сè поради веќе оптоварениот буџет каде што Дончиќ следната година ќе заработи над 55 милиони долари, но и поради неизвесноста околу тоа дали Леброн Џејмс ќе остане во клубот. Дополнително, кај челниците на Лејкерс сè уште постои сомнеж дали Ривс е играч кој може да го предводи тимот до шампионски прстен. Доколку „езерџиите“ одбијат да му ги исполнат условите, Чикаго Булс и Бруклин Нетс веќе чекаат во заседа со подготвени понуди од 178 милиони долари, но новинарските извештаи говорат дека кошаркарот во моментов нема намера да прифати ниту цент помалку од посакуваниот максимум.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.