Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет Репрезентација на Македонија

Ристовска и Џатевска ја предводеа Македонија до победа над Хрватска

Македонската женска ракометна репрезентација стави печат на одличниот настап на „Трофеј Македонија“ со голема победа над Хрватска. Нашите ракометарки одиграа борбен и квалитетен натпревар, во кој покажаа карактер и во моментите кога противникот успеа да се врати во игра. На крајот, Македонија славеше со 25-22 и го освои второто место на турнирот во Охрид. Хрватска мораше да се задоволи со бронзата. Македонија одлично го отвори натпреварот и експресно поведе со 3-0, а по 5-1 хрватскиот селектор Ивица Обрван беше принуден да реагира со тајмаут. Петковска беше одлична на голот, додека во нападот особено расположена беше Дамјановска.

Нашата селекција го контролираше резултатот во текот на целото прво полувреме. По водството од 10-5 и 12-7, Македонија на одмор замина со убедливи 14-9. Хрватска во вториот дел заигра многу подобро и Македонија имаше големи проблеми во нападот, па противничките успеаја да стигнат до 15-14. Сепак, со игра седум на шест, нашите ракометарки повторно воспоставија контрола и поведоа со 17-14.

Следуваше нова драма. Хрватска израмни на 19-19, но Ристовска и Кипријановска постигнаа важни голови за Македонија повторно да се одлепи на 21-19. Во завршницата „коцкестите“ успеаја да израмнат на 22-22, но Македонија не дозволи целосен пресврт. Џатевска погоди за 23-22, а потоа повторно беше прецизна од пивот за 24-22. Во последните секунди Ристовска стави точка на натпреварот со атрактивен погодок за конечни 25-22. Ристовска беше најефикасна кај Македонија со шест гола, додека Кипријановска и Дамјановска постигнаа по четири.

Со оваа победа Македонија го освои второто место на „Трофеј Македонија“. Турнирскиот пехар заминува кај Црна Гора, Хрватска е трета, а Србија заврши на четвртото место.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.