Искусниот НБА тренер Рик Карлајл во своето гостување во популарниот подкаст „Дрејмонд Грин шоу“ испрати низа комплименти на сметка на словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ, означувајќи го како најуникатниот кошаркар што некогаш го тренирал во кариерата. Карлајл, кој ги предводеше Далас Маверикс во првите три сезони на Дончиќ во лигата, истакна дека комбинацијата од чист талент, висока кошаркарска интелигенција и роден победнички менталитет го прави Словенецот исклучително тежок за чување.
„Ставете ги вистинските играчи околу него и ве предизвикувам да најдете начин да го победите. Тој е неверојатно паметен, ги препознава сите одбранбени поставености и точно знае како се победува“, порача Карлајл, додавајќи дека она што најмногу го издвојува Дончиќ е неговиот карактер на вистински „убиец“ на паркетот кој ги дава најдобрите изданија под најголем притисок.
За време на соработката со Карлајл, Дончиќ убедливо ја освои наградата за дебитант на годината, а веќе во следните две сезони си обезбеди место во најдобрата петорка на НБА лигата пред искусниот стратег да го напушти Тексас во 2021 година.

