Други спортови Тенис

Рибакина ја освои круната на УС Опен и се искачи на врвот на ВТА листата

Елена Рибакина оствари двоен триумф над Арина Сабаленка на годинашниот УС Опен. Тенисерката од Казахстан повторно го најде рецептот за својата ривалка и во реплика на финалето од Австралија Опен славеше со 2:1 во сетови (6:4, 5:7, 6:2), освојувајќи го својот прв трофеј на терените во „Флешинг Медоуз“ и трет Гренд слем во кариерата.

Рибакина од самиот старт влезе со извонредна смиреност, погодуваше разорни сервиси и со раниот брејк го диктираше ритамот за 6:4 во првиот сет. Двократната последователна шампионка Сабаленка одговори во вториот сет, каде што по пропуштените две сет-топки на 5:4 успеа да го скрши отпорот на ривалката и да израмни на 1:1 со 7:5. Сепак, одлучувачкиот сет и припадна на ладнокрвната Рибакина, која брзо направи два брејка и рутински го затвори мечот за големо славје во Њујорк.

Со овој триумф Рибакина прекина две големи серии на Белорусинката, низата од 19 последователни победи на УС Опен и владеењето од 99 недели на врвот на ВТА листата. Шампионката од Вимблдон 2022 и Австралија Опен годинава, од утре и официјално станува прва тенисерка во историјата на Казахстан што се искачува на првото место во светскиот тенис, оставајќи го Ролан Гарос како единствен Гренд слем што ѝ недостасува за комплетирање на сите четири трофеи.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.