Женскиот тенис добива нова светска број еден. Елена Рибакина направи голем чекор во историјата, откако во четвртфиналето на УС Опен ја совлада Кинвен Џенг со 3-6, 6-1, 6-4 и обезбеди пласман во полуфиналето, но и првото место на ВТА-листата. Казахстанката покажа карактер во клучните моменти и по загубениот прв сет успеа целосно да го сврти текот на натпреварот. Во вториот сет доминираше на теренот, а со два направени брејка без поголеми проблеми стигна до израмнување.
Најголемата борба се водеше во решавачкиот сет. При 4-3 за Џенг, Рибакина се најде под сериозен притисок, бидејќи Кинезинката имаше брејк-топка. Казахстанката успеа да се извлече, а потоа во следниот гем доби три можности за брејк. Џенг ги спаси првите три, но на четвртата направи двојна сервис-грешка и практично и го отвори патот на противничката кон победата. Рибакина потоа сигурно сервираше за меч и го завери големиот триумф, со кој од понеделник ќе ја преземе лидерската позиција од Арина Сабаленка.
„Тешко ми е да ги најдам вистинските зборови. Ова беше многу тежок меч и бев многу нервозна. Можеби не беше највисокото ниво на тенис, но успеав да ја свртам ситуацијата во моја корист. Се жалев на сонцето, на многу работи, водев битка во мојата глава и многу ми е драго што успеав да ги победам негативните мисли“, изјави Рибакина по мечот.
За Казахстанката ова е исклучително значаен момент во кариерата, но таа нема намера тука да застане. „Сега тоа е само број. Во полуфиналето сум и целта ми е да го освојам секој турнир на кој настапувам. Одам меч по меч. Ова е неверојатно достигнување“, порача новата светска тенисерка број еден. Во полуфиналето Рибакина ќе игра против Коко Гоф, која претходно приреди голема драма против Мира Андреева и успеа да спаси две меч-топки за да обезбеди место меѓу најдобрите четири на турнирот.

