Атлетико Мадрид освои важни три бода на гостувањето кај Еспањол, славејќи минимална победа од 1-0 во натпреварот од деветтото коло во шпанската Ла Лига. Решението пристигна во самиот финиш, кога Алекс Баена ја затресе мрежата на домаќините и го реши прашањето за победникот.
Мадридскиот тим долго бараше начин да го скрши отпорот на Еспањол, а најблиску до водство беше во второто полувреме. Маркос Љоренте се обиде со силен удар од далечина, но домашниот голман имаше среќа што топката заврши во пречката. Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без голови, на сцена стапи Баена. Офанзивниот фудбалер, кој влезе во игра од клупата за резерви, во 89. минута ја искористи својата шанса и му донесе голема радост на тимот на Диего Симеоне.
Со овој триумф, Атлетико Мадрид го задржа второто место на табелата со 22 освоени бода, продолжувајќи ја трката за највисок пласман. Еспањол, од друга страна, останува на 12. позиција со осум бода по девет одиграни кола.

