Евролигата воведува серија драстични промени во кошаркарските правила кои за првпат ќе се применуваат на претстојниот Суперкуп 2026, а потоа и во текот на целата сезона 2026/27. Овие измени имаат за цел подобро да ги разграничат тактичките прекршоци од опасните контакти и да донесат поизуедначено судење на ситуациите кои со години предизвикуваа жестоки дебати.
Најголемата револуција доаѓа кај прекршоците каде досегашната „неспортска лична грешка“ официјално заминува во историјата. На нејзино место се воведуваат две нови категории: „дисруптивни“ фаули, кои се наменети за тактички прекршоци со кои се прекинува акција или се сопира времето, и „флагрантни“ грешки, резервирани за опасни, груби и нелегитимни контакти. Казната за нив останува иста, но само флагрантните фаули ќе се сметаат при збирот потребен за исклучување од мечот.
Сериозна реформа претрпеа и техничките грешки, кои отсега ќе бидат поделени во две категории. Првата опфаќа однесувања како провоцирање, непримерена комуникација и симулирање фаул (флопинг) и таа ќе се пресметува при евентуално исклучување на играчот. Втората категорија се однесува на прекршоци како одолговлекување на играта или недозволено допирање на топката и нема да влијае врз збирот за исфрлање. Воедно, арбитрите повеќе нема да имаат обврска претходно да го предупредуваат играчот пред да му доделат техничка грешка за симулирање.
Попрецизно е дефинирана и самата акција на шут. Кој шутевите од движење таа започнува кога играчот ќе ги придвижи рамената и топката кон кошот, додека при продор се смета моментот кога напаѓачот ќе ја прибере топката и ќе го продолжи движењето кон обрачот. Дополнително, секој контакт во просторот за доскок на шутерот предизвикан од дефанзивецот може да се окарактеризира како флагрантен прекршок.
Што се однесува до тактичките надмудрувања на клупата, тренерите ги задржуваат своите два челенџи по натпревар, но со ново ограничување, вториот челенџ автоматски се губи доколку првиот не се искористи во првите 38 минути од мечот. Воведени се и прецизни протоколи за конфликтни ситуации, влегување на членови од клупата на теренот и процедурата за вложување протести, а подфрлањето топка од центарот отсега ќе се користи и на почетокот на секој продолжеток.

