Боречки спортови Други спортови

Рекордерот со најбрз нокаут во историјата на УФЦ се враќа во октагонот

Хорхе Масвидал сè уште го нема кажано последниот збор во најсилната ММА организација во светот. Три години по повлекувањето од спортот, поранешниот претендент за титулата во велтер категорија повторно преговара со челниците на УФЦ и верува дека никогаш не бил поблиску до враќање во октагонот. Иако резултатите во завршницата од кариерата не му одеа во прилог, неговиот статус на една од најатрактивните ѕвезди на организацијата никогаш не беше доведен во прашање.

Масвидал во 2019 година го постигна најбрзиот нокаут во историјата на УФЦ, совладувајќи го Бен Аскрен за само пет секунди, а истата година го освои и „БМФ“ појасот во дуелот со Нејт Дијаз. Сепак, по тој подем следеа четири порази по ред во ММА, како и пораз во боксерскиот реванш со Дијаз, но искусниот борец потврди дека враќањето во елитата е сè поизвесно.

„Разговарам со УФЦ. Враќањето би можело да се случи оваа година, а можеби и на почетокот од следната. Веќе некое време преговараме, а износите што ми ги нудат се сè поблиску до тоа што го барам, па затоа наскоро би можеле да пристигнат големи вести“, изјави Масвидал за медиумот „ММА Џанки“.

Како главен кандидат за противник се издвојува Леон Едвардс, со кого Масвидал има нерасчистени сметки уште од нивниот инцидент зад кулисите на приредбата во Лондон во 2019 година. Со оглед на тоа што и двајцата се наоѓаат во резултатска криза, Масвидал со четири, а Едвардс со три порази по ред, нивниот меѓусебен дуел би бил идеална можност за прекин на црната серија.

„Кога ќе ми понудат вистински противник и со неговото име ќе стават соодветна сума, повторно ќе ме видите во ‘Т-Мобајл’ арената. Леон Едвардс е дефинитивно некој со кого би сакал да се најдам во октагонот и конечно да го затворам тоа поглавје“, додаде американскиот борец.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.