Поранешниот англиски менаџер Хари Реднап остро ја критикуваше одлуката на ФИФА да го суспендира Џарел Куанса на два натпревари, оценувајќи дека казната е преголема и дека сериозно ќе ја ослаби Англија во продолжението од Светското првенство.
Младиот дефанзивец заработи директен црвен картон во осминафиналниот натпревар против Мексико, кој Англија го доби со 3:2 по голема борба. По дисциплинската постапка, ФИФА му изрече суспензија од два натпревари.
Реднап не го криеше разочарувањето од ваквата одлука и со доза на сарказам порача дека можеби британскиот премиер треба да интервенира кај ФИФА, алудирајќи на неодамнешните политички потези на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Можеби треба да го убедиме нашиот премиер да се јави во ФИФА и да ја поништи одлуката. Ако Доналд Трамп може да менува одлуки, зошто и ние да не можеме? Ова е вистински скандал. Многу сум разочаран што ја слушнав оваа вест. Тоа е голем удар за Џарел“, изјави Реднап.
Отсуството на 23-годишниот дефанзивец ќе биде сериозен хендикеп за селекторот на Англија, кој ќе мора да бара нови решенија за дуелот со Норвешка. Натпреварот е закажан за ноќта меѓу 11 и 12 јули, а победникот ќе обезбеди место во полуфиналето, каде што ќе игра против подобриот од четвртфиналната пресметка меѓу Аргентина и Швајцарија.

