Реал Мадрид експресно го заборави неочекуваниот пораз од Бетис и им се врати на победиве во Ла Лига, декласирајќи го Рајо Ваљекано со 4:1 на „Сантјаго Бернабеу“. На „кралевите“ им беа доволни само половина час супериорна игра за да го решат прашањето околу победникот и барем на 24 часа да се израмнат со Барселона на врвот од табелата.
По почетниот обид на Педро Дијаз да го изненади Тибо Куртоа со лоб од над 40 метри, домаќините тргнаа во фуриозен напад. Во 14. минута Килијан Мбапе беше сигурен реализатор од белата точка по прекршокот врз Алваро Карерас, а само три минути подоцна самиот Карерас ја казни големата грешка на гостинската дефанзива за 2:0. Блицкригот на Мадриѓаните го заокружи Џуд Белингам во 35. минута, кога по карактеристичниот продор на Винисиус, со милиметарски прецизен удар од работ на шеснаесетникот го матираше Емил Аудеро.
Рајо Ваљекано заигра подобро во второто полувреме и преку Серхио Камељо во 50. минута намали на 3:1, искористувајќи го невниманието во одбраната на Реал. Гостите пропуштија шанса целосно да го закомпликуваат мечот преку Цитаишвили, а на спротивната страна Дамфрис погоди пречка по одличниот одбранбен рефлекс на Аудеро. Точка на натпреварот и потврда на убедливиот триумф стави Мбапе во 91. минута со својот втор гол на мечот за конечни 4:1.

