Меѓународен фудбал Фудбал

Реал почнува да личи на тим, Мурињо задоволен пред стартот на сезоната!

Жозе Мурињо со оптимизам го очекува почетокот на новата сезона во Ла Лига, откако Реал Мадрид забележа убедлива победа од 3:0 на гостувањето кај Шалке во подготвителниот период. Португалскиот стратег ова лето се врати на клупата на „кралскиот клуб“, а подготовките не поминаа идеално поради доцното приклучување на дел од фудбалерите кои настапуваа на Светското првенство.

Сепак, Мурињо смета дека работите постепено доаѓаат на свое место. Тој посебно е задоволен од начинот на кој играчите кои подоцна се приклучија се вклопуваат во неговите замисли.

„Некои играчи пристигнаа подоцна и сè уште немаат ист интензитет како оние кои се тука подолго. Постои разлика во ритамот, но идеите постепено се вклопуваат“, изјави Мурињо.

Искусниот тренер истакна дека е задоволен од напредокот на тимот и од работата на фудбалерите во двата правци.

„Имаме играчи со неверојатен квалитет. Работиме многу добро како тим, и со топка и без топка. Задоволен сум од новите играчи, бидејќи за нив не е лесно“, додаде тој.

Мурињо смета дека токму деталите ќе бидат од големо значење во текот на сезоната и верува дека неговиот тим постепено ја добива посакуваната форма.

„Сè се сведува на малите детали кои прават голема разлика. Тимот почнува да изгледа како тим“, порача Португалецот.

Реал Мадрид сезоната во Ла Лига ќе ја отвори на 22 август со гостување кај Еспањол, а Мурињо ќе има задача уште од стартот да го постави тимот како сериозен кандидат за највисоките позиции.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.