Реал Мадрид започна конкретни чекори за ангажман на Јан Диоманде. Младиот фудбалер од Брегот на Слоновата Коска во изминатите две недели ги одби понудите од Арсенал и Манчестер Сити, со што јасно стави до знаење дека негова желба е преселба на „Сантијаго Бернабеу“. Според информациите на „Атлетик“, Лајпциг веќе ја прими официјалната понуда од 100 милиони евра, од кои 90 милиони загарантирани, а останатите 10 милиони низ бонуси.
Иако германскиот клуб првично тврдеше дека 19-годишното крило не е на продажба, заземениот став на самиот играч ги принуди челниците сериозно да ја разгледаат опцијата за трансфер. За него се интересираше и Пари Сен Жермен со нешто поскромна понуда.
Шпанскиот гигант летово веќе ги доведе Дензел Думфрис, Марк Кукуреља, Ибрахима Конате и Бернардо Силва. Иако примарните желби Родри и Олисе, засега остануваат недостапни, со евентуалниот потпис на Диоманде мадриѓаните ќе ја комплетираат реконструкцијата на тимот за следната сезона.

