Реал Мадрид забележа убедлива победа од 4-1 над Севиља на „Сантијаго Бернабеу“ во пресрет на големото дерби со Барселона. „Кралевите“ ја потврдија својата напаѓачка моќ, но натпреварот го одбележа и спорната ситуација во која Арда Ѓулер можеше да добие црвен картон.
Турскиот репрезентативец беше во центарот на вниманието во 23. минута, кога во дуел без топка го удри противничкиот фудбалер во лицето. Судијата не ја забележа ситуацијата, а не интервенираше ниту ВАР-собата, па Ѓулер остана на теренот. Неколку минути подоцна, тој се запиша меѓу стрелците и го отвори патот кон убедливиот триумф на домашниот тим.
До водство Реал стигна во 30. минута. По одличниот продор на Јан Диоманде по левата страна, топката дојде до Ѓулер, кој со прецизен удар од работ на шеснаесетникот ја испрати под пречката за 1-0. Само седум минути подоцна, мадриѓани ја зголемија предноста. Во брза акција Џуд Белингем со атрактивно додавање со пета го проигра Килијан Мбапе, кој се ослободи од својот чувар и сигурно реализираше за 2-0.
Севиља имаше можност да се врати во натпреварот пред паузата, но ударот на Агуме беше одбранет од Тибо Куртоа. Гостите се обидоа да ја намалат негативата и на почетокот на второто полувреме, но обидите на Ежуке и Феликс Кореја не донесоа резултат. Прашањето околу победникот практично беше решено во 63. минута. По контакт во казнениот простор, Мбапе изнуди пенал, а потоа самиот ја презеде одговорноста и со елегантно лобување ја затресе мрежата за 3-0. За Французинот ова беше деветти погодок во сезоната во Ла Лига.
Севиља сепак успеа да постигне почесен гол во 80. минута, кога резервистот Ману Буено ја искористи грешката во одбраната на Реал и со прецизен дијагонален удар намали на 3-1. Одговорот на домаќините беше експресен. Веќе во следната акција, Орелиен Чуамени го пронајде Диоманде, кој со силен удар под пречката ги постави конечните 4-1. Младиот фудбалер доби шанса во почетниот состав во отсуство на суспендираниот Винисиус Жуниор и ја искористи на најдобар можен начин, со гол и неколку важни придонеси во офанзивната игра.
Со овој триумф Реал ја продолжи трката за врвот во шпанското првенство, додека Севиља остана без бодови од тешкото гостување во Мадрид. Сепак, убедливиот резултат не ги отстрани дилемите околу судењето, особено по ситуацијата со Ѓулер, која сигурно ќе предизвика реакции во пресрет на следните предизвици на „кралевите“.

