Аргентинскиот талент Нико Паз по завршувањето на Светското првенство повторно ќе го облече дресот на Реал Мадрид. Иако младиот играч за врска имаше желба да остане уште една сезона во Серија А, мадридскиот клуб веќе го извести тимот на Комо дека ќе ја активира повратната откупна клаузула вредна девет милиони евра, пренесува угледниот шпански весник „Марка“.
Паз максимално ја искористи својата епизода во италијанскиот фудбал каде одигра блескава сезона под палката на Сеск Фабрегас и му помогна на тимот да избори историски пласман во Лигата на шампионите. Фабрегас отворено бараше од раководството на шпанскиот гигант да му го остави Аргентинецот на располагање уште една година, но Реал експресно реагираше за да ја врати контролата врз играчот чија пазарна вредност во моментов изнесува дури 60 милиони евра.
„Марка“ истакнува дека главната цел на Мадриѓаните во моментов е да ги поседуваат неговите документи, но сè уште не е дефинитивно дали тренерот Жозе Мурињо ќе го задржи во првиот тим или клубот повторно ќе го испрати на позајмица, овој пат без никаква опција за откуп. Комо веќе понудил опција за нова едногодишна позајмица за потребите во Лигата на шампионите, но Италијанците ќе мора да го почекаат крајот на Мундијалот и почетокот на летните подготовки на Реал за да добијат конечен одговор.

