Меѓународен ракомет Ракомет

Раул Гонзалез создава силен ракометен Партизан!

Раководството на ракометниот клуб Партизан, заедно со шпанскиот стратег Раул Гонзалез продолжуваат со комплетирањето на моќниот играчки мозаик за следната сезона, а најновото засилување во црно-белиот табор доаѓа на голманската позиција директно од реномираниот полски вицешампион Келце.

По неколку неуспешни преговори и обиди да се доведе искусниот дански чувар на мрежата Јаник Грин или пак да се најде заеднички јазик со словенечкиот репрезентативец Клемен Ферлин, изборот на белградскиот тим на крајот падна на младиот и талентиран Бекир Чордалија, кој своевремено направи голем трансфер од Босна и Херцеговина во Полска како дел од долгорочниот проект за замена на германскиот гигант Андреас Волф.

Со потписот на Чордалија челниците на Партизан официјално го затворија амбициозниот преоден рок во кој претходно беа промовирани звучни имиња како Илија Абутовиќ од Еурофарм Пелистер, Тобијас Вагнер од Лимож, Милош Кос од Ерланген, Владислав Кулеш од Мелзунген, Мигел Санчез Мигаљон од Бенфика, Јоав Лумбросо од Динамо Букурешт како и дуото од Шабац, Паповиќ и Мирковиќ.

Како резултат на ваквиот огромен прилив на интернационални засилувања екипата мораше да претрпи и сериозна чистка во сопствените редови, па така клубот во летниот период дефинитивно го напуштија Никола Зечевиќ кој се пресели во Охрид, Миха Котар кој замина за Битола, Вељко Поповиќ во Балатон, Ливију Каба и Габриел Илие во Констанца, Владимир Јефтиќ во Металопластика како и Марко Николиќ и Страхиња Станковиќ.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.