Ракометниот клуб Партизан АдмиралБет го претстави тимот за новата сезона, а од Белград пристигнаа сериозни најави за амбициите на српскиот шампион. По историската сезона во која ги освои сите четири домашни трофеи, Партизан се враќа и во Лигата на шампионите. Клубот во новата сезона ќе има нов тренер, легендарниот Раул Гонзалез, кој веднаш постави високи цели. Шпанскиот стратег порача дека Партизан нема да биде во Европа само за да учествува, туку сака да биде конкурентен.
„Не сме тука само за да учествуваме, туку да се натпреваруваме. Ги почитуваме сите противници, но веруваме во себе“, порача Раул на претставувањето на екипата.
Уште посмела најава даде претседателот на клубот Милјан Жугиќ. Тој потсети дека пред три години ветил дека Партизан до 2027 година ќе игра во Лигата на шампионите, а сега постави уште поголема цел.
„Партизан АдмиралБет во рок од четири години ќе игра на Фајнал фор на некое европско натпреварување. Не велам дека ќе биде Лигата на шампионите, но ќе биде некое европско натпреварување“, изјави Жугиќ.
Партизан во новата сезона влегува со засилен состав и неколку квалитетни интернационалци, кои треба да се вклопат со српското јадро на тимот. Капитенот Иван Мичиќ верува дека адаптацијата оди во вистинска насока и дека екипата е подготвена за натпреварувачките предизвици. Црно-белите прво ги очекуваат обврски во Суперкупот и регионалната лига, а потоа и настапите во Лигата на шампионите. Од клубот воедно испратија повик до навивачите да ја исполнат салата и да дадат поддршка во европските натпревари.


