Домаќинот Мексико експресно ја заврши својата задача во првите две кола од групата А, па последниот дуел против Чешка го дочекува комплетно растеретен и со веќе заверено прво место. Сосема поинаква е ситуацијата во чешкиот табор, по почетниот пораз и бледото реми, избраниците на Јиржи Коубек се наоѓаат пред апсолутен императив за победа. Задачата да се освојат трите бода ќе биде пеколно тешка бидејќи Чесите мора да го скршат гранитниот дефанзивен бедем на „сомбрероста“, кои сè уште немаат примено гол на овој шампионат. Најавите се дека чешкиот напад ќе го предводат Хложек и Патрик Шик, но нивната досегашна очајна продуктивност не влева премногу оптимизам за среќен крај.
Паралелно со овој дуел, вистинска мундијалска војна ќе се води на пресметката меѓу Јужна Кореја и Јужна Африка, која директно ќе лансира еден патник во осминафиналето, а другиот ќе го испрати дома во солзи. Азиската селекција е во далеку подобра позиција бидејќи и еден бод им гарантира сигурен премин во следната фаза. Наспроти нив, мотивираните фудбалери од југот на Африка ја имаат само опцијата „сè или ништо“, единствено победа ги остава во живот на Светското првенство и им носи историски успех.

