Македонската ракометна репрезентација денеска замина за Словачка, каде што утре од 19:00 часот во Прешов ќе го одигра првиот бараж-натпревар за пласман на Светското првенство во 2027 година.
Иако нашата селекција влегува како фаворит во овој дуел, селекторот Кирил Лазаров јасно предупреди дека противникот никако не смее да се потцени. Тој потенцираше дека Словаците ќе бидат посебно мотивирани и опасни поради предноста на домашниот терен и големата поддршка од нивната публика.
Главната цел на македонските ракометари на ова гостување е да одиграат стабилно и да обезбедат што поповолен резултат пред конечната разврска. Патникот на Мундијалот ќе биде дефинитивно познат по реваншот, кој е закажан за 17 мај во истиот термин (19:00 часот) пред домашните навивачи во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

