Женската ракометна репрезентација на Македонија со пораз од Грција 25-31, го започна настапот на Медитеранските игри што се одржуваат во Таранто, Италија.
Македонските ракометарки одиграа одлично во првиот дел од натпреварот и на пауза заминаа со стабилна предност од 14-10. Сепак, во продолжението уследи голем пад во играта и подлегнување под притисокот кај нашиот млад состав, што противничкиот тим го искористи за тотална доминација и целосен пресврт во второто полувреме.
Најефикасна во македонскиот табор беше Леона Миленкоска, која одигра одличен меч и постигна десет погодоци, додека кај победничката екипа на Грција се истакнаа Ментесиду и Кукмиси со по пет гола.

