Англија доби голем ветар во грб пред клучниот натпревар во нокаут-фазата против ДР Конго, Деклан Рајс е комплетно подготвен и се враќа во тимот. Деструктивецот на Арсенал, кој превентивно го пропушти дуелот против Панама поради лесна повреда на листот добиена против Гана, сега е целосно саниран и е спремен да ја преземе својата улога во срцето на средниот ред. Ова е огромно олеснување за Томас Тухел, бидејќи враќањето на Рајс му дава потребна дефанзивна стабилност на тимот, со што Џуд Белингем добива многу повеќе слобода во офанзивните акции.
Сепак, додека ситуацијата во средината се стабилизира, англискиот табор се соочува со вистинска „главоболка“ на десната бековска позиција. Џарел Кванса, кој ја покриваше таа страна по повредите на Џејмс и Ливраменто, стана најновата жртва на напорите и мораше да го напушти теренот против Панама. Со оглед на тоа што листата на повредени десни бекови се полни, Тухел е принуден да импровизира пред пресметката во Атланта.
Џед Спенс е најприродната опција што ја има на располагање, иако во последно време се навикна да игра по левата страна. Друга, нешто подефанзивна варијанта што ја разгледува германскиот стручњак е прекоманда на Конса на десната страна, со што би се добило на компактност во дефанзивата пред налетите на брзите офанзивци на ДР Конго. Во англискиот камп се свесни дека играта мора да се крене на многу повисоко ниво доколку сакаат да ја оправдаат улогата на фаворит и да продолжи патот кон титулата.

