Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Шпанија му изрече парична казна од 6.000 евра и делумна суспензија на стадионот на Рајо Ваљекано, откако протестите на домашните навивачи доведоа до прекин на натпреварот против Атлетик Билбао минатиот викенд.
Овој дуел беше прекинат по само 13 минути игра откако навивачите фрлија стотици хартиени авиончиња и гумени топчиња на теренот во знак на револт против сопственикот на клубот, Раул Мартин Преса. Како последица на тоа, јужната трибина ќе биде затворена за следниот домашен меч против Елче на 24 октомври, со предупредување дека секое следно слично однесување ќе значи комплетно затворање на целиот стадион. Ла Лига сѐ уште го нема одредено терминот кога ќе се доиграат преостанатите минути од мечот.
Незадоволството на навивачите кон Преса трае веќе подолг период поради целосното занемарување на клупската инфраструктура. На почетокот на годината, играчите и стручниот штаб јавно алармираа дека тренинг-кампот и стадионот не исполнуваат основни услови, по што регионалната влада на Мадрид привремено го забрани користењето на „Ваљекас“, па Рајо своите први три меча сезонава мораше да ги игра на неутрален терен.

