Повредата на Рафиња на Светското Првенство и неговиот процес на рехабилитација неочекувано паднаа во втор план по скандалозната изјава на поранешниот бразилски репрезентативец Вампета, кој лансираше тврдење дека брзоногото крило поради финансиски проблеми ќе ја напушти Каталонија и ќе се пресели во Саудиска Арабија.
Сепак, ваквите шпекулации експресно беа демантирани од семејството на фудбалерот, а денеска пристигна потврда и од угледниот весник „Марка“ дека шпанскиот гигант нема апсолутно никаква намера да го продаде својот капитен. Ниту самиот Рафиња, ниту неговиот менаџерски тим некогаш побарале промена на средината, па во таборот на Блауграна одамна станаа имуни на натписите од Блискиот Исток.
Наместо со чаршиските муабети околу трансферот, раководството на Барселона е комплетно фокусирано на медицинските извештаи кои пристигнуваат од Мундијалот. Клубот е сериозно загрижен за низата повреди со кои Рафиња мачеше мака во текот на целата натпреварувачка година, а ситуацијата дополнително се влоши откако тој ја обнови повредата во бразилскиот дрес.
Приоритет на Каталонците во моментов е неговото брзо враќање во тренажен процес на клупски план, додека арапските милиони воопшто не се тема на размислување на „Камп Ноу“.

