Меѓународен фудбал Фудбал

Рафаел Леао се збогува со Милан, следна дестинација е Турција!

Рафаел Леао е пред официјализирање на трансферот во Галатасарај, откако португалскиот репрезентативец отпатува за Истанбул каде што треба да ги помине лекарските прегледи пред да го комплетира преселувањето во турскиот гигант. Леао вчера вечер беше на „Сан Сиро“ за натпреварот меѓу Милан и Венеција, кој „росонерите“ го добија со 2-0. Тој не беше во составот за мечот, но по завршувањето разговараше со новинарите и практично го потврди своето заминување од клубот.

„Сакав да бидам на теренот, да им се заблагодарам на навивачите и да ја почувствувам нивната енергија, но тоа не беше возможно“, изјави Леао.

Португалецот во Галатасарај ќе се пресели во трансфер вреден повеќе од 45 милиони евра, со што по неколку години ќе стави крај на својата етапа во Милан. Леао со емотивни зборови се прости од клубот во кој помина значаен дел од својата кариера.

„На Милан му посакувам сè најдобро. Ќе продолжам да го следам тимот од далеку. Таков е животот. Еден циклус завршува, а друг започнува. Среќен сум што почнувам нова авантура во нова земја и во тим кој игра многу добро“, порача тој.

Воедно, Леао зборуваше и за амбициите со Галатасарај, особено во Лигата на шампионите.

„Минатата сезона покажаа што можат во Лигата на шампионите. Тоа е многу важно натпреварување и за мене. Ќе играме против големи европски клубови, а целта е да донесам дополнителен квалитет во тимот кој и онака има одлични фудбалери“, додаде Португалецот.

Пред заминувањето, Леао испрати и посебна порака до навивачите на Милан, истакнувајќи дека клубот секогаш ќе има посебно место во неговото срце.

„Ви благодарам за сè. Се чувствував како дома уште од првиот ден. Секогаш кога моето семејство доаѓаше да ме посети, и тие се чувствуваа како дома. Можам само да им се заблагодарам. Бев многу среќен што го носев дресот на Милан. Освоивме важни трофеи и сигурно секогаш ќе го носам Милан во моето срце“, рече Леао.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.