Работнички со победа ја отвори новата сезона во македонската кошаркарска Суперлига. „Центарци“ славеа со 92-85 на гостувањето кај Струмица, во натпревар во кој долго време имаа целосна контрола, но во завршницата дозволија домаќинот да внесе неизвесност. Тимот на Мирковски уште од почетокот постави свое темпо и постепено ја градеше предноста. Работнички во третата четвртина стигна и до максимални 24 поени разлика (71-47), па во тој момент изгледаше дека победникот е практично решен.
Сепак, Струмица не се предаде. Домаќинот ја искористи опуштеноста во редовите на Работнички, почна да реализира полесни шутеви и со серија во последниот период успеа целосно да ја врати неизвесноста. Струмичани стигнаа до 80-85, но немаа доволно сили за целосен пресврт. Работнички во клучните моменти повторно воспостави контрола и со мирна завршница го приведе натпреварот до крај за важен триумф на стартот од сезоната.
Најефикасен во победничкиот состав беше Виктор Ефремовски со одлични 29 поени, додека Роберт Рикиќ имаше уште еден впечатлив настап. Центарот запиша 20 поени и 11 скока, за индекс на успешност 28. Дамјан Робев придонесе со 15 поени. Кај Струмица, најрасположен за игра беше Камерон Крафорд, кој натпреварот го заврши со 31 поен, пет скока и четири асистенции, но неговиот индивидуален учинок не беше доволен за домаќинот да дојде до пресврт.
Работнички така испиша успешен старт на новата суперлигашка сезона, додека Струмица ќе има за што да жали, особено поради огромниот пад во последниот дел од натпреварот.

