Со високи амбиции Работнички влегува во новата сезона во кошаркарската Суперлига, а првиот предизвик ќе биде дуелот со Струмица. Капитенот Виктор Ефремовски верува дека скопскиот тим има квалитет да одигра стабилна и конкурентна сезона.
„Амбициите секогаш треба да бидат највисоки. Сакаме да бидеме конкурентни на секој натпревар и да се бориме за што подобар пласман. Мислам дека тимската игра ќе биде нашето најголемо оружје. Имаме добра атмосфера и квалитетни играчи, па со дисциплина и борбеност можеме да бидеме сериозен противник за секого“, порача Ефремовски.
Капитенот очекува голема конкуренција и неизвесни натпревари во текот на сезоната, но и силна поддршка од навивачите.
„Секој натпревар ќе биде нов предизвик. Се надевам на полни трибини и добра атмосфера, а ние ќе дадеме сè од себе да ја оправдаме довербата“, додаде Ефремовски.
Работнички сезоната ја отвора денеска на гостински терен против Струмица, со почеток од 17:00 часот.

