Кошаркарите од „Градски парк“ стигнаа до уште една значајна победа, овојпат на гостувањето во Битола, каде што по голема борба и драматична завршница го совладаа Пелистер. Битолчани го отворија натпреварот на одличен начин. За само шест и пол минути од почетниот период направија серија за водство од 18:4, најавувајќи дека се подготвени да му го нанесат првиот пораз на скопскиот состав. До крајот на четвртината, Работнички успеа да ја намали негативата на 12:20, а вистинскиот одговор следуваше на почетокот на вториот период.
Гостите брзо се вратија во игра, ја стопија разликата и по поените на Николов се доближија на само еден поен негатива (31:32) во 16. минута. Сепак, Пелистер успеа да го задржи водството до паузата, пред сè благодарение на одличното деби на Никола Кочовиќ. Новото засилување на „зелено-белите“ одигра извонредно прво полувреме, во кое постигна 19 поени, па домашниот тим на одмор замина со предност од 41:33.
Во продолжението се водеше изедначена битка, со нешто поскромна ефикасност на двете страни. Пелистер имаше предност од 54:48 на три минути пред крајот на третата четвртина, но Работнички повторно покажа карактер. Скопјани ја анулираа негативата и со резултат 59:59 го најавија целосниот пресврт.
На почетокот на последната четвртина, гостите веќе имаа предност од 70:64, а три и пол минути пред крајот стигнаа и до највисоките плус 10 (80:70). Пелистер не се предаде и се обиде да се врати во натпреварот. Домашните намалија на 77:81, но Ефремовски одговори за 83:77. Савиќевиќ возврати со нови поени, намалувајќи на 80:83, со што следуваше вистинска пенал-завршница.
Во неизвесниот финиш, Работнички остана доволно смирен и ја сочува предноста, а Николов со две реализирани слободни фрлања го потврди триумфот на гостите од Скопје – 91:87.
И покрај скромниот учинок за три поени (1/8), Виктор Ефремовски беше најефикасен во победничкиот состав со 22 поени, на кои придодаде четири скока и две асистенции. Искусниот Доминик Говенс постигна 14 поени и подели девет асистенции, додека Елингсворт запиша 16 поени и шест скока. Роберт Рикиќ го заврши мечот со 15 поени и пет скока.
На спротивната страна, деби за паметење имаше Никола Кочовиќ, кој натпреварот пред битолската публика го заврши со 30 поени и пет асистенции, дополнети со четири скока. Си-Џеј Вилсон постигна 20 поени, со по четири скока и асистенции, додека Денинг оствари двоен ефект од 10 поени и 11 скока.
Работнички така ја продолжи победничката серија, потврдувајќи дека има квалитет и карактер да излезе како победник и од тешките гостувања, додека Пелистер, и покрај добриот почеток и одличното деби на Кочовиќ, остана без посакуваниот резултат.

