Македонскиот фудбал доживеа вистински потрес по комплетирањето на 31. коло од ПМФЛ, откако два поранешни шампиони и култни клубови и официјално испаднаа од елитното друштво.
„Романтичарите“ од Дебар Маало одиграа драматично реми (2:2) на гостувањето кај АП Брера, каде почнаа фуриозно со голот на Хоџа по само 28 секунди, но не успеаја да го сопрат расположениот Никола Величковски кој со два гола направи целосен пресврт. Иако Работнички со играч помалку успеа да израмни преку Бошњаков во 85-та минута, освоениот бод не беше доволен за надеж во последните две кола, со што четирикратниот првак по долги години се сели во понизок ранг.
Слична судбина ја дочека и екипата на Македонија Ѓорче Петров, која на домашен терен беше убедливо поразена од Тиквеш со 1:4. Кавадарчани ја запечатија судбината на „лавовите“ уште во првото полувреме преку Окере и Сила, испраќајќи уште еден поранешен шампион во Втората лига.
Во преостанатиот натпревар од ова коло, екипите на Арсими и Башкими ги поделија бодовите играјќи 1:1, во меч каде домаќините водеа со голот на Гафури, но гостите успеаја да се изборат за реми во 71-та минута од средбата.

