Кошарка Македонска кошарка

Работнички го доби дерби дуелот против Куманово

Работнички продолжува со одличните настапи на стартот од новата сезона во МТЕЛ Супер лигата. Во дербито на четвртото коло, одиграно во салата „Лазар Лечиќ“, скопскиот состав го совлада МКК Куманово со 70:63 и го задржа максималниот ефект по четири одиграни натпревари.

Двата тима одиграа изедначен натпревар, во кој победникот беше решен во неизвесната завршница. Кумановци го добија првиот период со минимални 19:18, но Работнички возврати во втората четвртина, која ја доби со 18:14, за водство од 36:33 на полувремето. Подобриот шут за три поени му овозможи на домашниот состав да ја преземе контролата врз резултатот. Работнички погоди шест тројки во првото полувреме, три повеќе од гостите, а Ефремовски, Робев и Говенс реализираа по двапати од далечина. На спротивната страна, Мекиќ веќе имаше двоцифрен поентерски учинок.

МКК Куманово одлично го отвори второто полувреме. Со тројката на Мекиќ, гостите го свртеа резултатот и поведоа со 46:42, а по новиот погодок од далечина на искусниот Крстевски стигнаа и до 49:44. Сепак, Работнички брзо одговори преку Николов и Елингсворт, кои го вратија израмнувањето (49:49). До крајот на третата четвртина, домашните повторно ја презедоа предноста (53:51).

Во последниот период се водеше голема борба за секој поен. Работнички успеа да се одвои на 61:53, но кумановци не се предаваа и со серија од шест поени ја намалија разликата. По тројката на Мекиќ, на 1:14 минути пред крајот, гостите се доближија на 63:66 и ја направија завршницата дополнително неизвесна. Сепак, Работнички покажа поголема сигурност во клучните моменти. Ефремовски и Рикиќ погодија во завршните секунди и ја потврдија важната победа на домашниот состав од 70:63.

Рикиќ беше најефикасен во победничкиот тим со 17 поени и 11 скока. Елингсворт постигна 13, а Ефремовски го заврши натпреварот со 12 поени, седум скока и две асистенции. Кај МКК Куманово, Мекиќ беше прв стрелец со 18 поени и три скока, додека Фундиќ додаде 12 поени и четири скока. Со овој триумф, Работнички стигна до ефект од 4-0 и се искачи на првото место на табелата, додека МКК Куманово по четири одиграни кола има скор од 2-2.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.