Меѓународен фудбал Фудбал

ПСЖ здивна, Осман Дембеле е подготвен

Една од најголемите ѕвезди на ПСЖ, Осман Дембеле, ги отстрани сите дилеми околу својата здравствена состојба и вети дека ќе биде максимално подготвен за големото финале во Лигата на шампионите против Арсенал, кое е закажано за 30 мај на „Пушкаш Арена“ во Будимпешта. Францускиот офанзивец ги исплаши сите откако поради превентивни причини беше заменет по само 27 минути игра на првенствениот дуел против ФК Париз.

Сепак, напаѓачот кој зад себе има сезона со 19 постигнати голови, во изјава за „RMC Sport“ децидно порача дека неговиот настап не е доведен во прашање:

„Се чувствувам одлично. Имав само мал страв на мечот со ФК Париз, но сè е во ред и дефинитивно ќе бидам подготвен за големото финале. Научив лекции од минатото, каде што имав многу ситни и сериозни повреди пред важни натпревари во кариерата. Токму затоа сега решив веднаш да застанам и да не ризикувам ништо непотребно.“

Дембеле додаде дека тој и неговите соиграчи имаат огромна мотивација да го одбранат европскиот пехар. Доколку ПСЖ успее во таа намера, ќе стане првиот клуб по Реал Мадрид (2016-2018) кој успеал да ја сочува круната во елитното натпреварување.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.