Меѓународен ракомет Ракомет

ПСЖ се врати од -3 и со пенал во последната секунда се спаси во Алборг!

Со четири натпревари започна новото издание на ракометната Лига на шампиони, а првата вечер во елитното натпреварување донесе неизвесност, пресврти и неколку исклучително интересни завршници. Три екипи ја започнаа сезоната со победа, додека најголемото дерби на вечерта заврши без победник.

Најмногу драма имаше во Алборг, каде домашниот тим и ПСЖ одиграа спектакуларен натпревар кој заврши 33-33. Данскиот состав во завршницата имаше предност од три гола, но францускиот шампион не се предаде и со серија во финишот успеа целосно да се врати во игра. ПСЖ до бодот стигна со удар од седум метри во последната секунда. Хоксер и Кнор постигнаа по седум гола за Алборг, додека кај ПСЖ блескаше Феран Соле со десет погодоци.

Минимална победа забележа и Киелце, кој на домашен терен со 30-29 го совлада Кринс. Алекс Влах беше најрасположен кај полскиот тим со осум гола, додека Артем Каралек додаде пет. Најефикасен кај швајцарскиот состав беше Марин Шипиќ со осум погодоци.

И Загреб мораше добро да се помачи за да дојде до цел плен. Хрватскиот шампион го совлада Целје со 31-29, во натпревар во кој победникот беше решен во самата завршница. Ихар Бјалаушки го предводеше Загреб со девет гола, додека кај словенечкиот тим најефикасен беше Аљуш Анжиќ со 11 погодоци.

Најубедлив триумф на стартот оствари Веспрем. Унгарскиот гигант немаше поголеми проблеми против Порто и славеше со 36-28. Хуго Дескат постигна седум гола за победничкиот тим, додека голманот Емил Нилсен имаше значаен придонес во сигурното издание на Веспрем. Кај Порто, Мораеш Силва Боргес исто така седум пати ја затресе мрежата.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.