ПСЖ се откажа од намерата да го ангажира Зион Сузуки од Парма, иако трансферот на јапонскиот репрезентативец до неодамна изгледаше практично завршен. Сузуки во текот на неделата постигнал договор со францускиот гигант, кој планирал да го купи неговиот договор од Парма, а потоа веднаш да го испрати на позајмица во Јувентус.
Сепак, целата операција не се одвиваше според планираното. Јувентус прв се повлече од зделката, незадоволен од одолговлекувањето и условите кои се појавиле во текот на преговорите. Сега и ПСЖ донесе одлука да стави крај на разговорите. Според информациите од француските медиуми, причината за пресвртот се дополнителните барања на агентот на Сузуки.
Јапонскиот голман требало денеска да ги помине медицинските прегледи, последниот чекор пред официјализирање на трансферот. Наместо тоа, во последен момент претставниците на фудбалерот поставиле нови услови, што предизвикало незадоволство кај раководството на ПСЖ. Францускиот клуб не сакал дополнително да го комплицира процесот и решил целосно да се повлече од трансферот. Така, зделката која пред само неколку дена изгледаше како готова работа сега е пред целосен распад, а иднината на Сузуки повторно е неизвесна.

