Европскиот шампион ПСЖ веќе разгледува можности за засилување на офанзивната линија, откако остана без Хвича Кварацхелија поради сериозна повреда. Една од опциите што се најдоа на списокот на Луис Енрике е крилниот напаѓач на Бетис, Ез Абде Езалзули, објавува трансфер-инсајдерот Екрем Конур.
Повредата на грузискиот репрезентативец, кој ги скинал предните вкрстени лигаменти на десното колено, претставува сериозен удар за парижаните, па клубот би можел да реагира уште во зимскиот преоден рок. Абде се наметнува како потенцијално решение благодарение на својата брзина, продорност и способност да создава разлика во нападот.
Сепак, евентуалниот трансфер нема да биде евтин. Бетис, според објавените информации, би барал околу 55 милиони евра за услугите на мароканскиот репрезентативец, кој се етаблираше како еден од поважните играчи во тимот од Севилја.
Во целата приказна внимателно ќе следи и Барселона. Каталонскиот гигант, кој во 2023 година го продаде Абде на Бетис за 7,5 милиони евра, задржа 20 проценти од правата при неговата следна продажба. Доколку трансферот во ПСЖ се реализира за сумата од 55 милиони евра, на „Камп Ноу“ би можеле да пристигнат дополнителни 11 милиони евра.
Мароканецот зад себе има одличен период, што дополнително го привлекува вниманието на европските гиганти. Минатата сезона постигна 15 голови и забележа 13 асистенции на 43 натпревари, додека во актуелната сезона веќе има три погодоци во Ла Лига и уште еден во Лигата на шампионите.

