ПСЖ е сериозно заинтересиран во своите редови да го доведе тандемот на Вест Хем, Матеус Фернандеш и Крисенсио Самервил, пренесува францускиот медиум „Фут Меркато“. Иако лондонскиот клуб зад себе има кошмарна сезона која заврши со испаѓање во понизок ранг, раководството нема намера по секоја цена да ги распродава своите најдобри играчи, па за овој дуо-пакет одреди вкупна цена од 130 милиони евра. Двократниот последователен европски шампион веќе ги воспоставил првите контакти, но официјална понуда сè уште не е доставена до Лондон.
Поскапиот од двајцата фудбалери е португалскиот играч за врска Матеус Фернандеш, за кого Вест Хем бара дури 80 милиони евра. За неговите услуги веќе постои сериозен интерес од Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, но спортскиот директор на парижаните, Луис Кампос, има план со неговото купување да оформи целосно португалска средна линија заедно со Жоао Невеш и Витиња. Од друга страна, за холандското крило Крисенсио Самервил лондончани бараат 50 милиони евра, сума која е сосема реална со оглед на тоа што тој минатата сезона ја заврши со седум гола и пет асистенции.
На „Паркот на принцовите“ се надеваат дека фактот што Вест Хем мора да ја наполни касата по преселбата во Чемпионшип ќе помогне во преговорите за спуштање на цената. ПСЖ планира сериозно да го освежи тимот летово, па покрај централен играч за врска и крило, во план е и носење на нов стопер, како и лев бек кој ќе му биде конкуренција на Нуно Мендеш.

