ПСЖ е повторно на врвот на Европа. Втора година по ред, избраниците на Луис Енрике ја освојуваат Лигата на шампионите. Овој пат многу потешко отколку претходната сезона, после 120 минути игра и пенал рулетот. Трагичар кај Арелнал е Габриел кој го промаши петтиот решавачки пенал, шутирајќи високо над голот на Сафонов. т
Финалниот натпревар во Будимпешта донесе шокантен старт и пеколно темпо уште од самиот почеток. Поминаа само шест минути кога Каи Хаверц, човекот за големи натпревари, му донесе водство на Арсенал од 1:0. Маркињос направи катастрофална грешка при исфрлањето на топката, таа се одби од Тросард, а Хаверц со бравурозна реакција на првата статива на убав начин го матираше голманот на „светците“.
По раниот примен гол, актуелниот европски шампион ПСЖ ја презеде иницијативата и поседот на топката, но тешко наоѓаше решение за дефанзивниот бедем на „топџиите“. Нападот на парижани беше целосно неутрализиран во првиот дел, а единствената полушанса ја имаше Фабијан Руиз во 43-та минута, кога со глава биеше над голот на Раја.
Сликата на теренот целосно се промени во второто полувреме. Избраниците на Луис Енрике притиснаа со сите сили, а клучниот момент се случи во 62-та минута. Десниот бек на Арсенал, Москера, реагираше лошо и направи пенал над Квича Кварацхелија. Одговорноста во 65-та минута ја презеде Усман Дембеле, кој сигурно стрелаше за израмнување на 1:1.
Грузискиот интернационалец Кварацхелија продолжи да прави дар-мар во противничката одбрана, па во 71. минута по еден фантастичен соло продор ја погоди стативата од голот на Раја. ПСЖ имаше колосална шанса да го реши натпреварот и да ја одбрани титулата во 89-та минута, но ударот на Витиња помина на само неколку сантиметри покрај дирекот.
Жестоката битка продолжи и во двете продолженија од по 15 минути, каде што тензијата на теренот го достигна врвот. Најспорниот момент се случи кога Нони Мадуеќе падна во шеснаесетникот по дуел со Нуно Мендеш. Целиот тим на Арсенал бурно реагираше барајќи најстрога казна, но германскиот судија Сиберт не ни помислуваше да покаже на белата точка, по што овој епски дуел мораше да биде решен преку суровиот рулет на пеналите.
Во пенал рулетот по пет изведени пенали, поуспешни беа фудбалерите на ПСЖ и дојдоа до толку посакуваниот трофеј. Во првата серија Рамос и Ѓоќереш беа сигурни за своите тимови. Во вторта рунда Дуе по земја сигурно стрешаше, а Езе промаши за Арсенал, шутирајќи покрај стативата. Брзо се врати се на почеток, Раја го одбрани шутот на Мендес, а Рајс го изедначи скорот. Хакими и Мартинели беа сигурни во четвртата рунда. Во петтата рунда Бералдо беше сигурен за ПСЖ, а целиот притисок се префрли на дефанзивецот на Арсенал, Габриел, кој изигра перфектна утакмица до пеналите. Притисокот и заморот го направија своето, па Габриел шутираше со сета сила, високо над голот и страна трагичар за екипата од Лондон, која ќе мора да чека друга прилика за прв трофеј во Лигата на шампиони.
За ПСЖ и Луис Енрике ова е втора последователна титула во Лигата на шампиони и уште еднаш докажаа зошто во моментов се најдобрата екипа во Европа.

